Малку од ТАВ, повеќе од Владата за развој на авиосообраќајот

Менаџментот на ТАВ признава дека владините субвенции за привлекување нискобуџетни авиокомпании се добредојдени за нив, иако развојот на авиосообраќајот во Македонија го ветија токму тие
За главниот оперативен директор на ТАВ, Мурат Орнекол, позитивно е што македонската Влада со 5,1 милиони евра во следните три години ќе субвенционира нискобуџетни авиокомпании, бидејќи тие како оператор не биле во можност тоа да го направат. Лани ТАВ вложиле 1,1 милион евра како субвенции и привлекле шест нови авиокомпании и еден туроператор. Орнекол не се согласува дека со овој потег Владата ја презема работата на ТАВ во Македонија.
„Ова, всушност, е одлично за целокупниот авиосообраќај во Македонија. Ние како компанија не можеме да се обврземе да исплатиме толку голема сума. За да дојдат нови компании и сериозно да се зафатат со работа во Македонија, тие треба прво да воспостават своја база во Скопје. За да го направат тоа е потребно финансирање за минимум пет години. Како ТАВ, можеби ние не сме во можност тоа да го направиме, но Владата со субвенциите многу успешно може да привлече нови авиокомпании. Секако дека нема да престанеме со нашата програма за финансирање на авиокомпаниите. Она што го ветува Владата е само дополнување на тоа што ТАВ ќе продолжи да го спроведува од својата програма за субвенционирање. Ако ние дадеме малку, а Владата даде уште повеќе, тоа би било одлично за сите“, изјави Орнекол.
Тој додава и дека македонската Влада мора прецизно да ги дефинира критериумите врз основа на кои планира да привлекува странски авиокомпании да летаат до и од Македонија. Орнекол во Скопје обелодени дека преговара со неколку авиокомпании за влез во земјава, но детали не сакаше да открие. Првите луѓе на компанијата-концесионер на двата македонски аеродроми велат дека прават напори повторно да ги покријат линиите кон Будимпешта и кон Прага откако престанаа да летаат Малев и Чех ерлајнс...
Целиот текст може да го прочитате во дневниот весник "КАПИТАЛ" од 22 февруари 2012 година (среда).