Пратениците се на потег за откривање на акционерите под 5%
Иницијативата за законски измени за јавно откривање на имињата на „ситните“ акционери под 5% конечно стигна до Собранието. Пратеничката на СДСМ, Радмила Шеќеринска, за „Капитал“ открива дека нејзината партија поднела иницијатива за измени на Законот за банки, Законот за тргување со хартии од вредност и на Законот за трговски друштва, кои сега ги кријат имињата на акционерите со удел под 5%. Според Шеќеринска и очекувањата на СДСМ, најверојатно законските измени ќе се најдат на дневен ред на следната седница на Собранието, која би требала да се одржи на почетокот од март. Пратеничката не очекува следната недела предлог-измените на законите да се најдат на дневен ред затоа што нема закажано седници на собраниските комисии, каде што прво мора да поминат предлозите.