Снегот ја отежнува работата на струмичките раноградинари
Новите врнежи од снег и ниските поларни температури ја отежнуваат работата на струмичките раноградинари, кои деноноќно дежураат во пластениците засадени со домати и со пиперки. Ниските утрински температури, кои паднаа и пониско од минус 13 степени, им создадоа дополнителни трошоци на раноградинарите, кои веќе ја расадија раната лута пиперка и доматите.
„За да ја одржиме нормалната температура од 18 степени, за лутата пиперка на површина од три декари ние дневно трошиме четири до пет метри огревно дрво. Ова дополнително ни ги зголемува трошоците на производство, но тоа е реалност”, вели Митко Станоевски, земјоделец од Банско.Студот што изминативе денови ја зафати струмичката котлина веќе предизвика штети и подмрзнувања кај младиот компир, а ја стагнира вегетацијата и на раната зелка, која беше расадена кон средината на јануари под пластениците во Моноспитово, Муртино и Бориево.