Грците ја фалат Арифи, го критикуваат Груевски!

За разлика од негативната реторика со која грчките медиуми пишуваа за писмото на премиерот Груевски, посетата на вицепремиерoт Арифи беше оценета како доста позитивна. Дел од медиумите во средбата Арифи-Пангалос гледаат обид Атина да најде сериозен партнер во Македонија непосредно пред новиот развој на настаните во земјава
Со писмо и со детски трикови премиерот Никола Груевски се обидува да ја поправи сликата која ја создаде преку водење иредентистичка политика и на тој начин да ја заобиколи пречката за името. Премиерот Груевски се обидува да покаже позитивизам во светло на дипломатска кампања, која ја почна пред самитот на НАТО во мај во Чикаго. Вака грчки „Етнос“ го анализира писмото кое преку вицепремиерот Теута Арифи, Груевски го испрати до грчкиот премиер, Лукас Пападемос.
„То Вима“ пак, повикувајќи се на дипломатски извори, вели дека тешко е да се докаже искреноста на писмото.
„Тој од една страна, го дискредитира процесот на преговорите, а од друга, се обидува да изгледа помирувачки пред самитот на НАТО. Така, премиерот се надева дека ќе може да добие покана во Алијансата само преку одлуката од Меѓународниот суд на правдата“, анализира овој грчки медиум.
Во меѓувреме, никакво сооштение не пристигна за посетата на премиерот Никола Груевски со генералниот секретар Андерс фог Расмусен во Брисел. Останува непознато кои биле ставовите кои Расмусен му ги пренел на премиерот и дали Македонија ќе се најде на агендата на самитот на НАТО во мај.
Штури информации за средбата на Груевски со Расмусен пренесуваат и грчките медиуми. Тие само ја потенцираат вечерата на премиерот Никола Груевски со турскиот амбасадор во Северноатлантскиот совет, опишувајќи ја Турција како главен сојузник на Македонија во НАТО. Најверојатно, резултатот од ваквата средба е вчерашната изјава на турскиот амбасадор, Хајдар Берк, кој од членовите на Северноатлантскиот совет во Брисел побара НАТО на самитот во Чикаго да ги редефинира позициите во однос на Македонија...
Целиот текст може да го прочитате во дневниот весник "КАПИТАЛ" од 27 јануари 2012 година (петок).