Македонија ќе остане без нафта поради ембарго од Иран?!
.jpg&imgSize=300)
Македонија може да остане без нафта ако Иран веднаш ја запре испораката на нафта кон земјите од ЕУ, носејќи го Законот за целосно запирање на трговијата со нафта, во Парламентот во Техеран во недела.
Опасноста за снабдувањето со нафта на Македонија демне поради фактот што земјава целосно увезува нафта од Грција. Дури 34,7% од увозот на нафта во Грција доаѓа од Иран, јавува Ројтерс.
Речиси сите европски земји, меѓу кои и Грција, директно зависат од увозот на нафта од Иран. Ембаргото на иранската нафта кон ЕУ доаѓа како одмазда за санкциите кои Европа ги спроведе кон Иран. Минатата недела ЕУ го забрани увозот на нафта од Иран и одлучи да ги замрзне сметките на иранската Централна банка. На тој начин, Унијата се приклучи кон САД во преземањето нов круг казнени мерки против Техеран поради нуклеарната програма. Санкциите на ЕУ забрануваат склучување нови договори за купување нафта од Иран по 1 јули оваа година.
„Ако овој предлог-закон се донесе, Владата ќе биде принудена да го прекине дотурот на нафта кон Европа, пред конкретната имплементација на најавените санкции“, изјави за германскиот весник „Шпигел“, Емад Хосеини, портарол на иранскиот Парламент. За предлог-законот ќе се гласа во недела.
Аналитичарите на Ројтерс, пак, прогнозираат дека доколку Иран оди докрај и го стопира извозот на нафта кон ЕУ, цената на суровата нафта на светските берзи може веднаш да порасне за 30%.