Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

Објавено 03 јуни 2011, 08:16, во Македонија
Share |
Print page Едиција Топ 100 најголеми и најуспешни во Македонија

Големи, а мали

Големи, а мали

Ако успешноста и големината на компаниите во Македонија се мери преку остварениот обрт и профит, тогаш податокот дека само девет компании имаат профит поголем од 10 милиони евра или дека само 26 компании во Макеоднија имаат приходи поголеми од 50 милиони евра покажува колку нашите најголеми компании, всушност, се мали. Ова се некои од клучните поенти од анализата која е дел од едицијата Топ 100 најголеми и најуспешни во Македонија, во издание на Капитал Медиа Груп, која ќе биде објавена на 3 јуни 2011 година (петок).
Најголемите 100 македонски компании лани оствариле вкупно приходи од продажба од 5,5 милијарди евра. Тоа е раст од 19% во споредба со кризната 2009 година, што во најголем дел се должи на камбекот на челичарниците, рудниците и металопреработувачките компании, кои изминатата година поради растот на цените на светските берзи и поголемиот извоз остварија поголеми приходи.

Иако првата половина од 2010 година беше исклучително тешка година за водење бизнис во Македонија, дури 68 компании од листата Топ 100 најголеми забележале раст на приходите, додека 31 компанија лани работеле со помалку приходи во споредба со кризната 2009 година, кога светската економска криза се почувствува најсилно, за да кулминира во првите два квартали од 2010 година. Македонските компании тогаш се соочија со намалена побарувачка, како на домашен, така и на странските пазари, со откажани нарачки и извозни договори, со неликвиднсот и многу тешка наплата на продадените производи, како и со отежнат пристап до кредити од банките, кои докажаа дека сакаат да работат само на сигурно, па предност им даваат на државните записи и хартии од вредност.

За тоа колку се големи или мали македонските компании говори податокот дека само 26 компании во Македонија имаат обрт над 50 милиони евра или дека само девет компании прават профит поголем од 10 милиони евра, од кои единствена компанија во домашна сопственост е компанијата за пренос на струја, МЕПСО, а сите осум останати најпрофитабилни компании се во сопственост на странски компании.
Структурата на компаниите кои се наоѓаат на листата Топ 100 најуспешни го докажува правилото дека ако една компанија е голема не значи дека задолжително е и профитабилна. Рангирањето на 100-те најпрофитабилни компании покажува дека е мал бројот на компании кои се наоѓаат и на листата 100 најголеми. Но, 15-те најпрофитабилни компании истовремено се наоѓаат и на листата Топ 100 најголеми компании во Македонија.

Македонскиот Телеком веќе неколку години е на лидерската позиција на листата Топ 100 најуспешни. Профитот кој го остварил Телеком минатата година изнесува 96,7 милиони евра и е 8,1% помал од профитот од 105 милиони евра остварен во кризната 2009 година.

Најбројни на листата Топ 100 најголеми се компаниите од областа на трговија и дистрибуција. Вкупно 16 најголеми трговски компании лани имале обрт од 450 милиони евра и профит од 22 милиони евра. Тука не влегуваат увозниците на автомобили, струја и бела техника, што значи дека претходните 16 компании се главно трговци и увозници на прехранбени производи и пијалаци. Втора најбројна индустрија, која е претставена со 15 компании, е прехранбената индустрија. Од нив пет се во странска  а десет во домашна сопстевност. Вкупните приходи од продажба на сите 15 компании изнесуваат 386 милиони евра.
Најголема компанија во Македонија веќе неколку годинин по ред е рафинеријата Окта, која во изминатата 2010 година оствари рекордно високи приходи од 31,5 милијарди денари или половина милиајрда евра, што е раст од речиси 25%. Растечките цени на нафтата на светските берзи и овозможија на Окта да ги зголеми приходите од продажба и да ја задржи лидерската позиција. Но, и покрај растот на приходите, Окта минатата година покажала профит од 1,8 милиони евра, што е 16,5% помалку во споредба со кризната 2009 година.

Најпрофитабилна компанија во Македонија веќе неколку години по ред е Македонски Телеком. Профитот кој го остварил Телеком минатата година изнесува 96,7 милиони евра и е 8,1% помал од профитот од 105 милиони евра остварен во кризната 2009 година. Фени индустри бележи најголем скок на листата Топ 100 најпрофитабилни. Годинава Фени индустри се најде на петто место, со вкупен профит од 39 милиони евра, што е исклучителен раст на профитабилноста ако се знае дека во кризната 2009 година Фени работеше со загуба од 10,5 милиони евра.

Во 100-те најголеми македонски компании работеле 45.870 лица, што е само 7,2% од бројот на вкупно вработени во Македонија, што покажува дека сепак, најголем дел од работните места не ги создаваат најголемите компании, туку секторот на средни и мали претпријатија. Податоците покажуваат дека за само една година бројот на вработени кај 100-те најголеми во Македонија е зголемен за 1.436 вработени.
Прогнозите за следната 2011 и 2012 година се малку пооптимистични, но сепак, скромни и полни со неизвесност. Најголем број од компаниите кои ги консултиравме очекуваат слаб раст на приходите, но сепак, оптимизмот е во очекувањата дека светската економија ќе почне да заздравува и ќе ја повлече потрошувачката и ќе го зголеми извозот.


КОМЕНТАРИ

Коментирај

РЕКЛАМИ


КАПИТАЛ НЕДЕЛНИК

Капитал 768


РЕКЛАМИ

КАПИТАЛ СПЕЦИЈАЛНИ ИЗДАНИЈА

Капитал 000


Капитал изданија

РЕКЛАМИ