Гимназијата Орце Николов отвори Кариерен центар

Гимназијата „Орце Николов“, денес свечено го отвори новиот Кариерен центар чија цел е професионалниот развој и помошта за кариерна определба на учениците од средното училиште.
Во Центарот гимназијалците ќе можат да разговараат со постари луѓе кои веќе имаат искуство во полето на бизнис заедницата и ќе им помогнат правилно да се насочат во изборот на идната професија. На отварањето на Центарот, говор одржи Сунчица Поповска, директор на гимназијата, која се заблагодари на поддршката од американската програма УСАИД, Советот на град Скопје и на сите останати надворешни соработници без кои оваа иницијатива не би се реализирала.
Директорот на проектот на УСАИД за основно образование, Небојша Мојсовски, во своето обраќање кон присутните, изрази големо задоволство и одговорност за задачите и целите кои пред себе си ги поставува Центарот за кариера, и нагласи дека е позитивно изненаден од желбата за развој на учениците.
На свеченото отварање поздравен говор одржи и Шерон Келман Јет, специјалист за комуникации во УСАИД. Според Келман Јет “средното училиште е местото каде учениците откриваат кои се тие навистина и место каде ги носат можеби најзначајните одлуки за идните професионални насоки во животот“, токму преку еден ваков Центар учениците ќе можат да носат информирани одлуки за својот иден кариерен развој.