Ериксон: Шест милијарди корисници на мобилни телефони во светот
Во светот има шест милијарди претплатници на мобилни телефони, соопшти телекомуникациската компанија Ериксон, што фактички значи дека мобилната телефонија ја користат нешто повеќе од четири милијарди луѓе. Бројот на претплатниците се разликува од фактичките корисници, бидејќи едно лице може да има повеќе броеви на мобилни телефони, прецизираше компанијата.
Поаѓајќи од фактот дека вкупната светска популација брои седум милијарди луѓе, според проценките на Ериксон, 60 % од населението користи мобилни телефони. Ериксон нагласува дека бројот на претплатниците секоја година се зголемува во просек за 13 %, а според темпото предност имаат земјите со најмногу жители, Индија и Кина. Во тие земји живеат 35 %ти од сите лица кои се претплатници на мобилни телефони во последниот квартал на 2011.
Меѓу петте земји со најголем раст на бројот на корисниците се и Бразил, Индонезија и Бангладеш.Иако една третина од мобилните телефони продадени минатата година се смартфони, нивниот удел се уште е скромен и нив ги поседуваат само еден од десет корисници на мобилни.