Нафтата над 106 долари поради зголемените тензии околу Иран
Цените на нафтата на азиските берзи денеска се задржаа над 106 долари за барел, поради зголемената загриженост дека конфликтот околу нуклеарната програма на Иран би можел да доведе до прекин на испораката на иранската нафта.
Нафтата за терминска испорака во април на Њујоршката берза забележа пад од 14 центи, на 106,11 долари за барел, по вчерашниот раст од 2,65 долари на 106,25 долари за барел. Европската „брент“ нафта на Лондонската берза се задржа на ниво од 121,66 долари за барел. Нафтата поскапе во однос на нивото од 96 долари за барел, на кое се наоѓаше на почетокот на месецот, поттикната од зголемените тензии меѓу Западот и Иран.
Иранскиот генерал Мохамед Хејази вчера предупреди дека неговата земја е подготвена да преземе превентивни напади против која било непријателска земја на Иран. Неговата изјави следеше по соопштението дека Иран започнува воени вежби за заштита на атомските и други чувствителни локации, што се смета за порака до Израел и САД дека Техеран е подготвен да се заштити себеси и да возврати во случај на вооружен напад.