Почнува предвременото гласање за претседателските избори во Русија
Предизборната претседателска кампања во Русија навлезе во нова етапа, откако денеска почнува предвременото гласање, што се организира во оддалечените и тешко достапни местности, на бродовите, поларните станици и светилниците, како и на некои места надвор од Русија, пренесоа руските медиуми.
Според податоците на Централната изборна комисија предвремено гласање ќе се оддржи во 36 субјекти на федерацијата, каде има тешко достапни територии, или практично на целиот Далечен исток, во некои реони на Сибир и Урал, во северните територии. Станува збор за незначителен број избирачи или малку повеќе од еден процент од гласачкото тело.
Предвременото гласање е една од најтешките и скапи процедури на секоја изборна кампања, забележуваат руските медиуми. Членовите на избирачките комисии често пати одат по доста екстремни маршрути, а понекогаш минуваат и по 18 часа во лет. Далечините и студот, особено во зима како годинешната во Русија, а исто така и транспортните трошоци се основните проблеми на предвременото гласање, што ќе трае до 3 март.