Генералното собрание на ОН утре ќе гласа за новата резолуција за Сирија
Генералното собрание на ОН во четврток ќе гласа за новата резолуција за Сирија, во која сирискиот претседател Башар ал Асад се повикува да ги прекина смртоносните напади врз цивилите, јавија светските агенции, повикувајќи се на неименувани дипломати од седиштето на ОН во Њујорк.
Нацрт резолуцијата за Сирија ја подготовија Саудиска Арабија и Катар и за неа се бара и именување специјален претставник на ОН за Сирија. Во Генералното собрание на ОН нема право на вето. Овој потег следеше откако Русија и Кина во текот на овој месец вложија вето на втората резолуција во Советот за безбедност на ОН за кризата во Сирија.
Агенциите најавуваат дека се очекува Генералното собрание да ја разгледа необврзувачката резолуција, слична на онаа на Советот за безбедност, на која Русија и Кина вложија вето, а која го поддржува планот на Арапската лига за предавање на власта од претседателот Башар ал Асад на неговиот заменик и формирање влада на национално единство, по што ќе се создадат услови за распишување избори.