Обама го претстави предлог-буџетот за фискалната 2013 година
Американскиот претседател Барак Обама денеска го објави планот за буџетот од 3,8 билиони долари за фискалната 2013 година, кој веднаш наиде на жестока критика од опозициските републиканци поради изоставување на намалувањето на дефицитот. Предлогот-буџетот на Обама за 2013 година, кој е предаден во Конгресот предвидува над 800 милијарди долари за отвороње нови работни места и инфраструктурни инвестиции и бара воведување данок на богатите од најмалку 30 %.
Демократот Обама во рамките на буџетскиот план, кој за него претставува најдобраможност да ги увери американските гласачи дека заслужува втор претседателски мандат на изборите на 6 ноември, намени десетина милијарди долари за изградба на патишта, железнички пруги и училишта, со истовремено продолжување на даночните олеснувања поради поттикнување на вработувањата.
Буџетскиот дефицит сепак оваа и идната година ќе остане висок, пред да почнат да се намалуваат и новите буџетски позајмувања, кои во следната деценија ќе го зголемат националниот долг за над шест билиони долари. Буџетскиот дефицит во фискалната 2012 година е проектиран на 1,33 билиони долари или 8,5 % од бруто домашниот производ и на 901 милијарда долари во 2013 година или 5,5 % од БДП.