„Стандард и пурс“ предупредува на можно намалување на рејтингот на земјите од Г20
Агенцијата за кредитен рејтинг „Стандард и пурс“(С&П) денеска предупреди дека е можно да го намали кредитниот рејтинг „на одреден број високо оценети членки на Групата 20 најразвиени земји од светот, доколку нивните влади не ги применат реформите за ограничување на растот на потрошувачката во здраството и другите трошоци поврзани за проблемите на стареењето на населението“.
Во извештајот на С&П се наведува дека развиените земји од Европа, како и Јапонија и САД, во следните четири децении веројатно ќе доживеат досега најголемо влошување на состојбата на своите јавни финансии, бидејќи стареењето на населението значително ќе го оптовари секторот за социјална заштита, пренесуваат светските агенции.
Константиот раст на потрошувачката за здравство во следните четири децении значајно ќе ги оптовари јавните финансии. Доколку владите не извршат измени на своите системи за социјална заштита, тие веројатно ќе станат неоддржливи, изјави аналитичарот на агенцијата С&П Марко Мршник.
Ако реформите не бидат извршени, во следните три години веројатно ќе почне намалување на кредитниот рејтинг заради трошоците во здравството, што ќе резултираат до 2020 година со раст на бројот на земји чиј рејтинг е оценет како „ѓубре“, се наведува во извештајот.