Финансиската индустрија во тешка криза
Банките на големо кратат трошоци и делат откази
Финансиските компании од Јапонија до Швајцарија најавија големо кратење на трошоците еден ден откако брокерската куќа MF Global Holdings поднесе барање за заштита од банкрот. Луѓето претставуваат најголем трошок на Волстрит, па затоа, масовните отпуштања се вообичаени во време кога опаѓа профитот
Јапонската куќа Номура холдингс тројно го зголеми намалувањето на трошоците, кое сега изнесува 1,2 милијарди долари, а најголем дел од кратењето ќе биде во Европа. Кредит суис груп најави дека ќе укине 1.500 работни места во вториот круг отпуштања во рок од четири месеци. Затегнувањето на ременот доаѓа веднаш по повлекувањето на големите компании ширум светот.
Банката УБС во август соопшти дека ќе отпушти 3.500 вработени, а се очекува директорите и понатаму да стегаат во некогаш успешната инвестициска банка. Голдман Сакс (Goldman Sachs) во јули најави отпуштање на 1.000 вработени, но веќе ја надмина таа бројка, а познавачите коментираат дека и понатаму ќе има откази. Минатиот месец Голдман за првпат објави квартални загуби од финансиската криза во 2008 година.
Луѓето претставуваат најголем трошок на Волстрит, па затоа, масовните отпуштања се вообичаени во време кога опаѓа профитот. Но, некои извршни директори и аналитичари сметаат дека кратењата ќе бидат подолготрајни, бидејќи банките се подготвуваат за долг период на построги прописи, несигурни пазари и слаб економски раст.
“Сведоци сме на огромно празнење на Волстрит. Ова не е циклус на раст и пад“, изјави Стивен Екхаус, партнер и претседател на Бирото за вработување извршни директори во правната фирма Катен Мухин Розенман (Katten Muchin Rosenmann LLP).
Вработувањата во секторот за хартии од вредност паднаа 9% во периодот 2007-2009 година. Но, отпуштањата не се единственото средство кое го применуваат загрозените компании - бидејќи бизнисот е кревок веќе втора година по ред, вработените очекуваат помали бонуси на крајот од годината. Кратењето на трошоците можеби претставува шок за голем број банкари, кои видоа шанси за напредок во минатата криза. Компаниите како Номура и УБС ги “прочешлаа“ банкарите кои останаа без работа поради кризата во 2008 година, нудејќи големи плати и бонуси, во надеж дека тие ќе го предводат бранот на закрепнување на економијата.
До пред една година вработуваа
Номура вработи речиси 1.000 луѓе во 2009 година, ветувајќи проширување на инвестициското банкарство во САД, откако ги купи европскиот и азискиот огранок на Леман брадерс...
Целиот текст може да го прочитате во дневниот весник "Капитал" од 03 ноември 2011 година (четврток).