Фич го намали кредитниот рејтинг на Грција
Рејтинг агенцијата „Фич“ (Fitch) денеска го намали кредитниот рејтинг на Грција до степен С од досегашниот ССС, откако земјата соопшти дека е можно да ги натера приватните иматели на хартии од вредност да учествуваат во програмата за размена на обврзници (PSI), соопштуваат грчките медиуми.
Агенцијата посочува дека го намалува рејтингот на Грција, откако Еврогрупата го соопшти вториот спасувачки план за земјата, што предвидува учество на приватниот сектор во размената на обврзници и откако грчките власти ги објавија условите за предложената размeна на грчките државни обврзници.
„Фич“ смета дека предлогот за намалување на грчкиот долг преку размена на обврзници со приватните инвеститори, доколку таа се реализира, ќе доведе до намалување на рејтингот на земјата до „селективен банкрот“.