Црна Гора ќе приватизира 11 државни компании
Советот за приватизација, со кој претседавал црногорскиот премиер Игор Лукшиќ, денеска усвои план за приватизација за оваа година, со кој е предвидена продажба на 11 компании, кои моментално се во мнозинска сопственост на државата.
По пат на јавен тендер, меѓу другите, ќе се приватизираат Новинско-издавачкото претпријатие „Побједа“, националната авиокомпанија „Монтенегро ерлајнз“, Железничката инфраструктура на Црна Гора, Јадранското бродоградилиште Бијела, хотелската груpација Будванска ривиера, Улцињската ривиера, Институтот за црна металургија во Никшиќ и Поштата на Црна Гора. Како што е соопштено, со моделот на приватно јавно партнерство под закуп ќе се понудат и бројни локалитети, стопански друштва и воено-туристички комплекси.
Главна цел на приватизацијата е зголемување на конкурентноста и ефикасноста на функционирањето на друштвата, поттикнување странски инвестиции и претприемништво во сите области, зголемување на вработеноста и подобрување на животниот стандард, се наведува во соопштението.