Спасот на Грција не носи крај на должничките проблеми!

Аналитичарите не очекуваат последните 130 милијарди евра помош да ги решат економските проблеми на Грција. Тие прогнозираат дека за излегување на земјата од должничката криза ќе биде потребно да помине најмалку една деценија
По долгата неизвесност во преговорите меѓу грчките лидери и меѓународните кредитори, повторното спасување на Грција од банкрот беше очигледно. Европските министри за финансии вчера се сретнаа во Брисел и разговараа за тоа дали да & одобрат на Грција уште 130 милијарди евра со цел да се намалат долговите на најзадолжената земја во Европа и таа да остане во рамките на еврозоната. Сепак, аналитичарите не очекуваат и овој пакет-мерки да ги реши економските проблеми на Грција. Тие прогнозираат дека за излегување на земјата од должничката криза ќе биде потребно да помине најмалку една деценија.
Според новиот договор, Грција треба да покрене операција за замена на обврзниците кои ги поседуваат приватните доверители, кои пак, треба да се одречат од половина од своите побарувања. Банките и приватните инвестициски фондови, чии побарувања кон Грција изнесуваат 200 милијарди евра, во замена ќе добијат обврзници со половина од номиналната вредност, со што вкупниот долг на земјата ќе се намали за цели 100 милијарди евра. Долгот на Грција моментално достигнува 360 милијарди евра.Владата во Атина изминатите неколку недели ги прифати новите мерки за штедење, кои претставуваа услов за доделување на вториот пакет-помош. Иако меѓу европските политичари, посебно германските, расте скептицизмот дека Грција повторно нема да ги исполни своите обврски, вклучувајќи ги новите кратења од 3,3 милијарди евра и зголемување на даноците, министрите за финансии од еврозоната очигледно имаат поголема доверба во земјата, и покрај нејзиното должничко минато.
Францускиот министер за финансии, Франсоа Бароан, за Ројтерс изјави дека се исполнети сите елементи за постигнување на договорот. „Не може да чекаме повеќе. Грција има долгови за исплатување во март и може наскоро да банкротира, а тоа е нешто што се обидувавме да го избегнеме последните 18 месеци“, истакна тој. Министерката за финансии на Финска, Јута Урпилаинен, соопшти дека Грција направи се што се бараше од меѓународните кредитори, но истакна дека постојат уште многу отворени прашања. „Најважно од се е грчкиот долг да биде одржлив и да & се овозможи на Грција да преживее“, нагласи таа. Во рамкаН: Грција ќе банкротира на 23 март?!Гласините за присилен банкрот на Грција, планиран за 23 март, ги преплавија светските медиуми изминатиов викенд.
Ситуацијата се вжешти кога во јавноста се појави документ на којшто пишува дека сите сметки во грчките банки ќе бидат замрзнати на овој датум. Нацрт-планот е направен без разлика дали на земјата ќе & бидат дадени или не новите 130 милијарди евра за покривање на нејзината неликвидност, пишува неделникот „Сандеј телеграф“. Според лондонскиот неделник, германскиот министер за финансии, Волфганг Шојбле, врши притисок врз власта во Атина самите и што е можно побрзо да прогласат банкрот.