Министрите за финансии од еврозоната денеска во Брисел ќе разговараат за Грција
Министрите за финансии на земјите-членки на еврозоната денеска на состанок во Брисел треба да го разгледаат новиот финансиски пакет за помош на Грција во вредност од 130 милијарди евра. Доколку министрите го усвојат пакетот, приватните доверители како што се банките и осигурителните друштва, ќе отпишат дел од долгот на Грција со што вкупниот долг на земјата би можел да биде намален за цели 100 милијарди евра. Долгот на Грција достигнува 360 милијарди евра.
Грција во 2010 година го доби првиот пакет помош од Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд во вредност од 110 милијарди евра. Владата во Атина во изминатите неколку недели ги прифати новите мерки за штедење кои претставуваат услов за доделување на вториот пакет помош во вредност од 130 милијарди евра.
Премиерот Лукас Пападимос повторно одржа вонредна седница на која до Парламентот беа проследени серија закони кои ги бараат светските финансиски центри со цел да продолжат со помош на грчката економија. Мерките, меѓу другото, предвидуваат пензиите кои надминуваат 1.300 евра да бидат намалени за 12 проценти. Намалувањето на пензиите не можеше да се избегне, изјави Пападимос. - Сепак, тоа не е така драстично како што изгледаше, нагласи тој.