Турција го предупреди Кипар поради природниот гас
Турција го предупреди Кипар да прекине со истражувањата на природен гас во источниот Медитеран и се закани дека ќе ги преземе „неопходните мерки“ за да ги заштити своите интереси во тој регион, се наведува во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.
Оваа реакција следеше по објавувањето на тендерот во кој Владата во Никозија бара нова странска фирма, која ќе ги спроведе истражувањата во источниот Медитеран, каде, како што се проценува, се кријат огромни резерви природен гас.
Република Кипар почна со активностите за пронаоѓање природен гас во својата економска зона кон крајот на минатата година, кога ја ангажираше американската фирма „Нобл Енерџи“. Владата во Никозија, повикувајќи се на своите суверени права, одлучи сега да ги прошири истражувачките работи без разлика на противењето на Анкара.
Турција бара прекин на истражувањата се додека не завршат преговорите меѓу кипарските Грци и кипарските Турци за повторно обединување на островот, кои се водат под покровителство на Обединетите нации.