Одложена клучната одлука за спас на Грција
Министрите за финансии од еврозоната синоќа го одложија донесувањето на одлуката за втор пакет помош за спас на Грција во вредност од 130 милијарди евра, бидејќи Атина не ги исполни условите кои ги побараа нејзините кредитори.
Еврозоната бараше од грчкиот министер за финансии Евангелос Венизелос денеска да пристигне во Брисел со одлуката за намалување на буџетскиот дефицит за дополнителни 325 милиони евра и со писмено ветување од политичките сили во земјата дека ќе ги спроведат строгите мерки за штедење кои ги наложи ЕУ.
Премиерот на Луксембург и претседател на Еврогрупата Жан-Клод Јункер синоќа одлучи овој планиран состанок меѓу Венизелос и останатите 16 членки на еврозоната да го замени со конференциска врска и да изврши подготовка за претходно планираните разговори на министрите в понеделник во Брисел.
Се уште ги немам добиено потребните политички уверувања од лидерите на грчките коалициски партии за спроведување на оваа програма, истакна Јункер. Тој, исто така, нагласи дека е потребна „натамошна техничка работа“ меѓу Грција и ЕУ и инспекторите на ММФ „на еден број подрачја“, вклучувајќи ја буџетската заштеда од дополнителни 325 милиони евра и завршување на анализата на одржливоста на грчкиот долг.
Холандскиот министер за финансии Јан Кес де Јагер претходно изјави дека шансите Еврогрупата да даде конечно одобрување за спас на Грција „се многу мали“.