Агрокор се откажа од преземање на Меркатор
После пет месечни напорни преговори, стратешки потези, политички игри, сопственикот на Агрокор, Ивица Тодориќ подигна бело знаменце и се откажа од намерата да го преземе најголемиот словенечки трговски ланец, Меркатор.
Тој вчера испрати соопштение до медиумите во Хрватска и Словенија во кое детално ја образложи својата одлука. Одлуката за повлекување на понудата, управата на Агрокор ја донесе бидејќи проценува дека процесот за продажба на Меркатор може да трае многу долго и дека поставените услови не гарантираат успех во понатамошната работа на ланецот супермаркети.
Со оглед на тоа што државата го контролира најголемиот акционер во Меркатор, Нова Љубљанска банка (НЛБ), конечната одлука за понудата на Агрокор требаше да ја донесат политичарите, односно новата власт во Словенија.
Откако стана очигледно дека десничарската Социјал демократска партија (СДС) на Јанез Јанша ќе ја формира новата словенечка влада, знаејќи ги ставовите по прашањето за продажба на Меркатор, Агрокор процени дека не треба да ја чека одлуката на Јанша и одлучи сам да се повлече.