Хрватска тоне во рецесија
На Хрватска повторно и се заканува рецесија, најмногу поради кризата во Европската унија, а падот на стопанството може да биде од 0,3 до 1,3 %. Така Хрватска оваа година ја гледаат Економскиот институт и аналитичари на шест најголеми хрватски банки, чии анализи вчера ги објави Хрватското здружение на банки.
И додека економистите од банките предвидуваат пад на стопанството од просечно 1,3 %, Економскиот институт е малку пооптимистичен и очекува пад од 0,3 % и раст на стопанството во 2013 година од 1 %. Буџетските насоки усвоени минатата недела, Владата ги темели на раст од 0,8 % во оваа година и раст од 1,5 % во 2013 година.
Но, изгледа дека во тоа се сомневаат и водечките банки и Економскиот институт, кој додуша се огради со напомена дека својата анализа ја подготвил пред Владините насоки, но во изјавата даде и дел од најавата за зголемување на ДДВ и промените на данок на доход. Од Институтот веруваат дека Владината најава за консолидација на јавните финансии може да го спречи падот на кредитниот рејтинг на Хрватска.