Фич: Грција ќе банкротира
Грција ќе прогласи контролиран банкрот, но сепак ќе остане во рамките на еврозоната, проценува извршниот директор на меѓународната агенција за кредитни рејтинзи „Фич“, Дејвид Рајли.Според Рајли, како што пренесува атинскиот весник „Експрес“, при евентуален неконтролиран банкрот на Грција, постои опасност да дојде до распад на еврозоната, па поради тоа банкротирањето ќе биде изведено под контрола во рамките на европската монетрана унија.
Ова не е прва проценка за банкрот на Грција, која доаѓа од претставници на „Фич“. Кон средината на минатиот месец раководителот на аналитичкиот оддел на „Фич“ за Европа, Блискиот Исток и Африка, Едвард Паркер оцени дека Грција е пред банкрот и дека нема да може да ги исплати обврските по државните обврзници кои доспеваат на крајот на март во износ од 14,5 милијарди евра.
Паркер истакна дека очекуваниот договор меѓу грчката Влада и приватните кредитори за отпишување на дел од долгот во суштина ќе претставува банкрот на Грција. На учеството на приватниот сектор гледаме како на банкрот и тоа ќе биде посочено едногласно во нашите извештаи, нагласи Паркер.