Хрватските компании се селат во соседството?!
Заради црните предвидувања дека влезот на Хрватска во ЕУ, а излезот од ЦЕФТА, може лошо да влијае на домашното производство и извозот, хрватските компании може да ги преселат своите фабрики во Босна и Херцеговина и Србија, пишува Вечерњи лист.
Краш, Агрокор, Адрис, Пордавка, Винџија, Звечево, Дукат, Бадел 1862, Атлантик и други покренаа иницијатива за посилна и поконкретна соработка на компаниите и хрватската влада, со цел да им се овозможат поквалитетни услови за понатамошна работа, како на домашниот, така и на странскиот пазар.
Од Владата ќе бараат да започне иницијатива за измена на договорот за стабилизација и придружување меѓу поедини земји на ЦЕФТА и ЕУ, во насока на намалување на високата царинска заштита за увоз на прехрамбени производи од Хрватска, односно ЕУ. Тие ќе бараат и основање на интервентен фонд за заштита на домашната индустрија за да се зачува конкурентноста при отворање на пазарот кон ЕУ и да се активира економската дипломатија.