Јанез Јанша нов премиер на Словенија
Словенечкиот парламент го одобри Јанез Јанша за нов премиер на земјата, речиси два месеци по предвремените параламентарни избори на 4-ти декември, изјави претседателот на парламентот Грегор Вирант.
Лидерот на Словенечката демократска партија Јанша сега располага со 15 дена да состави влада, која ќе треба енергично да се справи со економските проблеми поради европската должничка криза, како и да предложи реформи кои ќе го запрат намалувањето на кредитниот рејтинг на земјата.
Новата влада ќе треба да биде изгласана во Парламентот, каде петчлената коалиција на Јанша има солидно мнозинство.
Јанша, кој беше словенечки премиер од 2004 до 2008 година, вети дека ќе го зајакне економскиот раст на земјата, како и дека ќе ги намали основните даноци и бирократијата. Тој, исто така планира да ги намали буџетските трошоци и дефицитот, да ја зголеми старосната граница за пензионирање и да ја забрза приватизацијата.