Големи се шансите Јанез Јанша да се врати на власт во Словенија
Поранешниот словенечки премиер Јанез Јанша е се поблизу до враќање на власт во Словенија, откако малата Демократска партија на пензионерите (ДЕСУС) се согласи да преговара за формирање коалиција со неговата конзервативна Словенечка демократска партија (СДС), оценуваат медиумите во Љубљана.
Лидерерот на ДЕСУС, Карл Ерјавец синоќа соопшти дека неговата партија донела „историска одлука“ со тоа што се согласила на коалициски преговори со СДС бидејќи имала само две опции - вклучување од десната коалиција или предвремени избори.
Словенечкиот претседател Данило Тирк во средата предложи партиите да ја разгледаат можноста иден премиер на Словенија да биде економистот Марко Вољч. Тирк изјави дека Вољч изразил подготвеност да ја прифати премиерската функција доколку добие поддршка од поголемите парламентарни партии.
На изборите во Словенија на 4 декември минатата година победи партијата Позитивна Словенија на Зоран Јанковиќ, но тој по добиениот мандат за формирање Влада не успеа да обезбеди апсолутно мнозинство во Парламентот за да биде избран за премиер.
Доколку до крајот на месецот Парламентот не избере нов премиер, Тирк има уставна можност да го распушти Државниот збор и да распише предвремени избори.