Објавено 16 јануари 2012, 16:03, во Регион
Share |
Print page

Во Словенија денеска нов круг консултации за избор на мандатар на владата

Во Словенија денеска почнуваат политички консултации околу именувањето на мандатарот кој треба да ја формира новата коалициска влада, бидејќи во првиот круг тоа не успеа да го направи победникот на вонредните избори Зоран Јанковиќ.

Претседателот Данило Тирк ќе се сретне со лидерите на политичките партии и шефови на пратенички групи, по што ќе го одреди новиот мандатар. Победникот на декемвриските избори Јанковиќ, чија партија „ Позитивна Словенија“ доби најмногу места во парламентот (28 од вкупно 90 пратеници), во првиот обид не успеа да обезбеди апсолутно мнозинство гласови.

Во меѓувреме, четири десничарски партии предложија мандатар за формирање на новата влада да биде претседателот на Словенечката демократска партија Јанез Јанша, јавија словенечките медиуми. Поранешниот премиер, меѓутоа, се уште е воздржан за предлогот бидејќи овие четири партии заедно имаат само 44 пратенички мандати од вкупно 90-те во парламентот.

Десничарските партии, кои го поддржуваат Јанша, ги повикаа на дијалог другите партии, за да го обезбедат потребното мнозинство во парламентот. Според оценки на медиумите, Јанша најверојатно ќе биде мандатар за состав на новата влада на Словенија, иако до крајот не може да се исклучи и самиот Јанковиќ.Новиот премиер треба да се избере до крајот на јануари, а доколку тоа не се случи Словенците ќе мораат повторно да излезат на избиралиштата.

Поврзани вести

КОМЕНТАРИ

Коментирај

КАПИТАЛ ИЗДАНИЈА

Explanation
Дневен 531
Магазин 655



РЕКЛАМИ

Капитал изданија