Како Агрокор успеа да го преземе Меркатор?
Понуда од Тодориќ што не се одбива

Се поизвесно е дека националната гордост на Словенија ќе падне во рацете на хрватскиот магнат Ивица Тодориќ. Зделката на деценијата, која е од големо значење и за хрватската и за словенечката економија, веќе е извесно дека ќе се склучи. Агрокор конечно ќе ја оствари зацртаната цел, ќе го купи најголемиот словенечки трговски синџир Меркатор и ќе стане лидер на Балканот, со мрежа поголема од 2.500 продавници. Во трката за преземање, којашто траеше неколку години, Тодориќ имаше многу сопки и пречки кои успешно ги прескокнуваше. Но, сега маратонот, во кој Тодориќ беше во мртва трка со словенечката политика, е пред самиот финиш.
Во секој досегашен обид за преземање на Меркатор, контра Тодориќ беше Словенија. Отпорот на државата (политичари, земјоделци, економисти) беше толку силен што попрвин ќе беше одложена продажбата на компанијата отколку да се загрозат националните интереси. Дури и по цена Меркатор да продолжи да тоне во финансиски проблеми.
Но, последната понуда на Агрокор го омекна ставот на словенечките политичари. Агрокор формираше холдинг со ЕБРД, ИФЦ и ЈП Морган со фонд од 1,5 милијарди евра. Агрокор во тој холдинг ќе го донесе трговскиот бренд Конзум, кој вреди околу 900 милиони евра, а останатите финансиери ќе дадат 600 милиони евра. За Меркатор ќе се платат 832 милиони евра (600 милиони од меѓународните финансиски институции и 232 милиони евра краткорочни кредити на Агрокор). Агрокор на Словенија ќе и гo донесе својот пазар, а моќните финансиери ќе и дадат пари.
Откако падна Владата на Борут Пахор, кој беше и најголем противник на ваквата зделка, се повеќе се отвора вратата на Меркатор за Агрокор. Како што пишуваат словенечките медиуми, четвртата понуда на Агрокор не смее да се пропушти, не само поради финансиските услови, туку и поради економскиот интерес на двете земји.
Што доби Меркатор, а што Агрокор?
Агрокор сега е најголемиот малопродажен синџир во Адриа регионот, но со Меркатор би бил важен играч во европски размери. Дали ова ќе се случи или не зависи од Словенците, кои овие денови ќе треба да одлучат дали ќе ја прифатат понудата на Агрокор за купување на 50,03% од Меркатор. Во секој случај, зделката која ќе ја договорат ќе биде во интерес и на Хрватска и на Словенија, а тоа се гледа и од условите кои ги постави Агрокор, а кои делумно се по барање на Меркатор.
Како што пишуваат хрватските медиуми, освен Хрватска, корист од продажбата на Меркатор, секако ќе има и Словенија. На сите во оваа држава им е јасно дека треба што побрзо да се продаде трговската компанија, бидејќи така на државата ќе и требаат помалку пари за докапитализација на Нова Љубљанска банка. А, и опстанокот на Пивоварна Лашко зависи од продажбата на Меркатор, бидејќи има огромна потреба од свежи пари...
Целиот текст може да го прочитате во дневниот весник "Капитал" од 31 октомври 2011 година (понеделник).
Почитувани читатели , БЕСПЛАТНО РЕГИСТРИРАЈТЕ СЕ ТУКА за да може да ги читате сите изданија на Капитал Медиа Гроуп.