Гордана Достаниќ, претседател на Управата на Белградска берза
Ниедна земја во регионот нема стратегија за развој на берзата
Берзите во поранешна Југославија немаат алтернатива на меѓусебна соработка и промоција на своите најдобри компании пред инвеститорите од западните земји. Единственото нешто што ги одржува во живот е фондовската индустрија, вели Достаниќ во интервју за Бизнис.хр
Белградската берза, на која котираат 1.500 компании, од кои само третина се активни, е типичен пазар во фаза на создавање, кого поради глобалната криза го напуштија и така ретките странски инвеститори. Како и останатите берзи во земјите од поранешна Југославија, Белградската е препуштена сама на себе, без политичка поддршка или доволно интерес од корпоративниот сектор.
Гордана Достаниќ, директорка на Белградската берза, смета дека иднината на малите регионални берзи е во блиската меѓусебна соработка, во размената на искуства и во претставувањето на компаниите пред фондовите од околните земји.
Каква е перспективата на Белградската берза, но и на останатите помали регионални берзи во наредните години во услови на крајна неизвесност, економска стагнација и страв од избивање на криза во еврозоната?
-Барем наредната година не треба да очекуваме дека движењата на регионалните берзи ќе бидат поинакви од тие на западните пазари. Општо земено, сите наши пазари се под влијание на странците, а лошите вести од југот на Европа веќе направија неизбежен ѕид за странските инвестиции. И без тоа нашите пазари имаат неповолни карактеристики за странците – слаба ликвидност и транспарентност на котираните компании и мал број квалитетни акции. Треба да се каже дека повеќето големи странски инвеститори никогаш не биле присутни на регионалните пазари, бидејќи нашите земји не се вклопуваат во нивната инвестициска политика поради прениските кредитни рејтинзи и релативната политичка нестабилност.
Како ја оценувате политиката на развој на пазарот на капитал во земјите од поранешна Југославија и кои пазари имаат најголем потенцијал на раст?
-Во ситуација кога пазарите на капитал главно се препуштени сами на себе, најголемите можности за вложување ќе се создадат во земјите кои имат силна домашна фондовска побарувачка. Во целата приказна недостига стратегија за развој на пазарот на капитал, која ја нема ниту една земја во регионот. Секоја од нашите берзи се развива поради трудот на неколку ентузијасти, наместо со тоа да се занимаваат државните институции. Поради тоа, механизмите како иницијална јавна понуда и докапитализација главно не се употребуваат на вистинскиот начин, а цената од тоа се плаќа и во посттранзицискиот период, кога се плаќаат грешките од приватизацијата.
Дали сте подготвени за приватизација на Телеком Србија и што мислите, какво влијание ќе има тоа врз српскиот пазар на капитал?
-Котирањето на акциите на Телеком ќе биде многу тешка и напорна работа, но станува збор за инвестициски атрактивни хартии. Без оглед на лошата политичка и економска ситуација, очекувам тие акции да имаат голема база на инвеститори, особено меѓу малите инвеститори и физичките лица, кои поради Телекомот, за првпат ќе ја погледнат берзата. Секако, накратко ќе ја мобилизираат и домашната фондовска сцена, но Телекомот не е нешто кое на долги патеки ќе ја одржува ликвидноста и вложувачите на пазарот...
Целиот текст може да го прочитате во дневниот весник "Капитал" од 27 октомври 2011 година (четврток).
Почитувани читатели , БЕСПЛАТНО РЕГИСТРИРАЈТЕ СЕ ТУКА за да може да ги читате сите изданија на Капитал Медиа Гроуп.