За пола година Хрватска со 485,3 милиони евра странски директни инвестиции
Странските директни инвестиции во Хрватска за првото полугодие на оваа година изнесуваат 485,3 милиони евра, што е двојно повеќе отколку целата претходна година, покажуваат најновите податоци на Хрватската народна банка (ХНБ).
Според податоците на ХНБ странците најмногу инвестирале во банките односно во нивната докапитализација. За пола година најголем прилив на странски инвестиции во износ од 286,5 милиони евра регистриран е во финансиското посредување, освен осигурителните и пензиските фондови.
Со износ од 173,8 милиони евра следи производството на метали, додека во работа со недвижности странците вложиле 97,1 милион евра, а во сопствени вложувања во недвижности изнесуваат 74,2 милиони евра. Кај некои дејности странски инвестиции бележат негативна вредност, а најмногу е кај телекомуникациите каде одливот изнесува 121,1 милион евра.
По држави најмногу е инвестирано од САД и тоа 207,6 милиони евра, потоа Австрија со 138,1 милион евра, а на трето место е Германија со 44,3 милиони евра.