Мудис го намали кредитниот рејтинг на Словeнија за еден степен
Меѓународната агенција за кредитни рејтинзи „Мудис“ го намали кредитниот рејтинг на Словенија за еден степен од Аа2 на Аа3, со најава за можно негово дополнително снижување.Одлуката на „Мудис“ следи само два дена од како словенечкиот Парламент и изгласа недоверба на Владата на премиерот Борут Пахор, што може да резултира со распишување предвремени парламентрани избори до крајот на годината, во услови кога Словенија се соочува со економски проблеми.
Во соопштението на „Мудис“ се посочува дека поради економската нестабилност зголемена е веројатностa дека Владата „ќе мора повторно да се вмеша за поддршка на банкарскиот систем“ на Словенија.На краток рок, перспективите за раст на словенечката економија ќе се најдат на удар на очекуваното влошување на условите за кредитирање предизвикани од проблемите во банкарскиот систем и на веројатното забавување на растот на извозот како последица на успорувањето на глобалната економија, оценува „Мудис“.
Според агенцијата, „зголемената политичка нестабилност“ ќе влијае врз плановите за намалување на буџетските трошоци и врз спроведувањето на структурните реформи, мерки кои се неопходни за спречување на растот на државниот долг на среден рок.Словенија доживеа сериозен удар за време на глобалната економска криза во 2008 и 2009 година, што резултираше со двојно зголемување на стапката на невработеност и раст на државниот долг на ниво од 22,5 на 43,3 проценти од бруто домашниот производ.