Меркел: исполнување на условите клучно за влез на државите од Западен Балкан во ЕУ
Германскиот канцелар Ангела Меркел во Загреб изјави дека сите земји од Западен Балкан можат да станат членки на Европската унија ако ги исполнат предусловите.
“Примерот на Хрватска е пример дека секоја земја во овој регион може да успее да стане членка на ЕУ. Ние тоа го сакаме. Но, затоа мора да се исполнат предусловите’, истакна Меркел по состанокот со хрватскиот премиер Јадранка Косор. Меркел наведе дека “Германија е убедена дека Западен Балкан, долгорочно може да одржи мирољубив живот само со европска перспектива.“
Меркел во Загреб, освен со Косор се сретна и со хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ.По Загреб, таа отпатува за Белград. “Во ЕУ е недозволиво некој да станува од масата и да се заминува, кога ќе дојде некој друг“, нагласи таа пред новинари по пристигнувањето. Изјавата се однесува на откажувањето на Белград да учествува на меѓународни средби на кои Косово е претставено како независна држава.