Во Србија намален бројот на нови компании
Во првите седум месеци од годинава во Србија се основани за 20% помалку компании, споредено со истиот период лани, потврди директорот на српската Агенција за бизнис регистри (АПР), Звонко Обрадовиќ.
“Застрашувачки е тоа што бројот на новоосновани компании за седум месеци во 2010 година изнесуваше 6.291, а во истиот период оваа година тој број е само 5.088, што е помалку за една петтина“, истакна Обрадовиќ за српските медиуми. Тој наведе дека ист е трендот и кај старт-ап компаниите.
“Во првите седум месеци од годинава АПР евидентираше 18.590 новоосновани компании, што е значително помалку, споредено со лани“, вели тој. Од основањето на Агенцијата за бизнис регистри во 2005 година годишно се регистрираат нешто повеќе од 10.000 компании, додека околу 37.000 претприемачи се одлучуваат да започнат сопствен бизнис.
Но, освен што во АПР се регистрираат нови компании и бизниси, исто така, се бришат и старите, згаснати компании. Согласно измените на Законот за стечајна постапка на Србија, во првите седум месеци од годинава АПР избришала околу 8.490 компании од регистарот.