Романската Влада го замрзна на две години буџетот за државните службеници

Романската Влада го замрзна на две години буџетот за државните службеници, изјави романскиот премиер Емил Бок и додаде дека оваа одлука е во согласност со претставниците на Меѓународниот монетарен фонд.
Трошоците за платите на државните службеници во буџетот не треба да надминуваат 7,2 % од Бруто домашниот производ. "Тоа значи дека до 2013 година платите на државните службеници ќе останат исти", истакна Бок. Според него тоа ќе овозможи по Нова година да се зголеми платата на службениците на ниво од минатата година, кога таа беше драстично намалена.
Премиерот појасни дека Владата ќе може да ги зголеми приходите на државните службеници само при ограничување на бројот на соработниците, во услови на раст на економските показатели и доколку буџетскиот дефицит не го надмине прагот од три проценти.
Романските власти минатата година одобрија план со мерки за спас на економијата, која, како што посочи Бок, се соочила со најтешката криза во изминатите 60 години. "Ние трошиме повеќе, отколку што произведуваме и неодговорно ги зголемивме платите и пензиите, без да го осигураме тоа со зголемување на продуктивноста на трудот. Сега земјата е принудена да зема заеми", рече премиерот.