Грција ќе ангажира нови советници за приватизацијата вредна 50 милијарди евра

Грција бара нови финансиски советници за претстојната приватизација на државниот имот, со која треба да бидат опфатени десетина регионални аеродроми и пристаништа, рудници за злато, грчките железници и државната пошта.
Грчкото Министерство за финансии соопшти дека новите советници мораат да бидат познати најдоцна до 25 јули, бидејќи треба што поскоро да се започне со промовирањето на имотот што ќе биде приватизиран.
Вредноста на имотот што Грција планира да го приватизира до 2015 година е проценета на околу 50 милијарди евра. Ваквата мерка се презема во рамките на планот за намалување на државниот долг на Грција кој сега изнесува над 350 милијарди евра.
Грчките власти претходно за советници именуваа неколку европски банки и инвестициски фондови, кои треба да помогнат во приватизацијата на државната компанија за игри на среќа ОПАП, на меѓународниот аеродром во Атина, на автомобилската индустрија ЕЛВО, на едно наоѓалиште на гас во Северна Грција и на неколку автопатишта.