БиХ одбележува 16 години од геноцидот во Сребреница

Во меморијалниот центар во Поточари, во близина на Сребреница, денеска ќе се одржи комеморативна церемонија во спомен на жртвите од масакрот во јули 1995 година. По повод 16 годишнината од злосторствата во Сребреница ќе бидат погребани уште 613 жртви, кои биле ексхумирани и идентификувани.
На церемонијата ќе присуствуваат бошњачкиот и хрватскиот член на босанското Претседателство Бакир Изетбеговиќ и Жељко Комшиќ, како и хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ, кој ќе се обрати пред присутните и ќе положи цвеќе во Меморијалниот центар во Поточари.
Досега во комплексот се погребани 4.524 жртви. Неколку лица веќе се осудени од Хашкиот трибунал за злосторства извршени во Сребреница, а во тек се судските процеси против главните обвинети Ратко Младиќ и Радован Караџиќ.
Вооружените сили на босанските Срби, под команда на генерал Ратко Младиќ во јуни 1995 година ја презедоа муслиманската енквала Сребреница во источниот дел на Република Српска и убија околу осум илјади мажи и момчиња од локалното население.
Во војната во Босна и Херцеговина (БиХ) која траеше од 1992 до 1995 година загинаа над 100.000 лица.