Венизелос: Грција ќе се врати на пазарите во 2014 година

Со помош на партнерите од Европската унија (ЕУ) и обновената решителност Грција најбрзо што може ќе го врати економскиот суверенитет и планира да се врати на пазарите во 2014 година, изјави грчкиот министер за финансии Евангелос Венизелос.
Венизелос истакнува дека "Грција ќе успее да се справи со кризата, бидејќи тоа е од особено значење не само за неа, туку и за стабилноста на еврозоната и на светската економија". Тој нагласи дека негов приоритет се приватизацијата и реформите на даночниот систем, како и дека следната седмица планира да претстави план за борба со неплаќањето на даноци и подобро собирање на давачките.
Министерост за финансии, коментирајќи ги информациите дека Европската унија ќе испрати комесари во Грција кои ќе ги следат реформите, изјави дека странските инспектори нема да влезат во министерствата за да го контролираат работењето на грчката Влада, нити пак ќе бидат одземени надлежностите на Парламентот, Владата или државната администрација.
Венизелос категорично ги отфрли тврдењата на конзервативната опозициска партија Нова Демократија дека Владата ги прикрила вистинските мерки за штедење, истакнувајќи дека Парламентот е целосно информиран за пакетот eкономски мерки.
Според него, гласините за наводни нови кратења договорени со доверителите зад грбот на Парламентот, само создаваат нервоза и чувство на несигурност и на тој начин ги блокираат креативните сили на земјата.