Словенците на референдум за поддршка на пензиската реформа

Словенците денеска треба да се изјаснат на референдум за зголемување на возраста за пензионирање од 62 на 65 години - промена на која инсистира Брисел, со цел да ја гарантира долгорочната стабилност на државните финансии. Но синдикатите и голем дел од населението се против реформата, која во декември беше одобрена од парламентот.
Според последното социолошко истражување, спроведено од Универзитетот за социјални науки во Нова Горица, 49,5 % од Словенците би гласале против промената, а 27,5 % ја поддржуваат. Словенечките функционери предупредија за драматично сценарио, доколку реформата биде отфрлена на референдумот. Имено, земјата може да има потреба од план за помагање како Грција, Ирска и Португалија.
Ваквата веројатност беше демантирана од претседателот на ЕУ Херман ван Ромпуј. “Тоа е неопходност, иако во прво време ќе биде болно”, изјави Ван Ромпуј на прес- конференција во Брдо крај Крањ заедно со словенечкиот премиер Борут Пахор.
“Не можете да ги споредувате економската и фискалната ситуација во Словенија со оние во другите земји. Без реформа владата веројатно ќе биде принудена да ги зголеми даноците, да ги намали трошоците или да управува со позначителен долг”, изјави тој. Ромпуј рече дека порано или подоцна пензиската реформа ќе биде на дневен ред.