Меркатор ќе се продава, ама не на Тодориќ

Најголемиот словенечки трговски ланец Меркатор и понатаму е на продажба, потврди словенечкиот министер за финансии, Франц Крижаниќ. Сепак, тој индиректно стави до знаење дека Словенија нема да дозволи најголемиот трговски ланец да му се продаде на сопственикот на хрватски Агрокор, Ивица Тодориќ, кого очигледно го сметаат за сериозна закана за словенечката економија.
Крижаниќ најави дека очекува долговите на Пивоварна Лашко да се репрограмираат, по што ќе се организира нов, транспарентен тендер за продажба на акциите на Меркатор што ги поседува Лашко. Тој најави и дека продажбата на Меркатор би можела да се реализира до крајот на годинава, но според кажаното може да се заклучи дека и тогаш парите на Тодориќ нема да вредат во Словенија.
“Меркатор е важна компанија од која зависи голем дел од словенечката прехрамбена индустрија, како и многу финансиски институции“, вели министерот и додава дека “ослабувањето или непријателското преземање на Меркатор би можело да ги загрози кредитите, да ги зголеми каматните стапки...““Поради тоа е важно Меркатор да купи некое сериозно и стратешко претпријатие“, истакна словенечкиот министер за финансии.