Банките можеби ќе и помогнат на Пивоварна Лашко

Управата на Пивоварна Лашко на состанокот со банките доби усмена потврда дека банките ќе и помогнат при репрограмирање на кредитот, но пишана изјава нема, јави словенечката новинска агенција СТА, повикувајќи се на извори блиски на Лашко.
На состанокот, на кој покрај претставници на пиварата присуствуваа и претставници на Нова Љубљанска банка (НЛБ), Уникредит Словенија, Горењска банка, Абанка, Банка Копер и Хипо Алпе Адриа банк, се зборуваше и за продажбата на пакетот акции на трговскиот ланец маркети Меркатор.
Пивоварна Лашко го продава својот удел во Меркатор, за што веќе имаат дадено понуди хрватски Агрокор и инвестициските фондови Мид Еуропа партнерс и Варбург Пинкус.Според податоците што ги има СТА, Лашко најверојатно својот удел во Меркатор ќе му ги продаде на Агрокор, доколку банките не му овозможат репрограмирање на поголемиот дел од долгот од 450 милиони евра, што стига на наплата во јуни.