Плажите во Грција дел од програмата за приватизација

Златните плажи и кампови во Грција се вклучени во програмата за приватизација, објавија претставниците на Владата на Јоргос Папандреу, која до 2015 година треба да собере 50 милијарди евра од приватизацијата. Програмата за масовна приватизација, која ќе опфаќа згради, земјиште, државни институции и претпријатија, се смета за спасувачки појас за задолжената Грција.
Добивките од приватизацијата се очекува да достигнат и до 20% од БДП, а прва на листата е компанијата за туристички развој и организацијата за државен имот. Владата потенцираше: “Наша обврска е да го искористиме државниот имот, не само за намалување на странскиот долг, туку и за да постигнеме економски раст и да го зголемиме бројот на работни места".Грција ќе биде поделена на два региони, кои ќе се разгледуваат посебно и ќе бидат одредени имотите за концесија.
Двата дела ќе се протегаат од Еврос до Атика и од Арголида до Јанина, а островите ќе бидат распоредени според тие паралели. Имотот ќе биде распределен на земјиште, земјиште со градби и крајбрежен појас.Според првичните информации, крајбрежниот имот кој ќе влезе во програмата е од областа Пиреја, островот Евија, Кавала, Волос и Фтиотида. И островите Крф, Керкира, Теспротија и Кефалонија ќе им понудат на заинтересираните инвеститори дел од нивните сончеви плажи под концесија.
Владата не достави целосни детали околу програмата за приватизација на крајбрежните делови од Грција, бидејќи се очекува сериозен отпор од локалното население. Речиси сите имоти, заедно со поголемите градови, во моментов се во сопственост на компанијата за туристички развој.
Владата вети дека ќе направи исклучок за сите компании од крајбрежниот сектор, кои имаат потпишано договори за користење и имаат дозвола, и нема да им биде одземен имотот. Сепак, крајбрежните концесии ќе значат крај за профитабилниот закуп за останатите.Плажите во Атина и Солун се познати по бесконечните редици на популарни ноќни клубови, познати во Грција како бузуки.
Покрај живата музика, цвеќињата, младите пејачки во кратки фустани и лудото танцување до зори, овие клубови се познати и по нивните даночни и институциски неправилности. Со мерките преземени поради економската криза, министерството за финансии им додели казни и привремено затвори некои од нив, но ништо повеќе од тоа. Се очекува концесиите да ги регулираат крајбрежните области и да решат најголем дел од проблемите околу не баш легалните места за забава.