Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

Download PDF

Објавено 12 ноември 2013, во Магазин
Share |
Print page Cover Story

50 најпрофитабилни компании во Македонија

Биљана Здравковска Стојчевска
50 најпрофитабилни компании во Македонија

Македонија како Елдорадо

........................................................................

Верица Хаџивасилева Марковска, консултант во ААГ

“За да се оцени работењето на некое друштво, како минимум показател би требало да се земат не само показателите на профитабилност, туку и барем некој од индикаторите на финансиската стабилност, односно задолженоста. Со други зборови, ако видите висока профитна стапка, проверете ја и задолженоста, оти високата профитна стапка може да произлегува од високата задолженост, што може да биде знак за висока ризичност и неодржливост на стапките на долг рок и дури опасност од стечај и банкротство”

........................................................................

Силните и успешните компании се познаваат по многу показатели, но еден од клучните, секако, е профитот. Или нето-добивката која & останува на компанијата откако од приходите што ќе ги оствари од работењето ќе ги одземе сите трошоци, ќе ги плати сите обврски, давачки и даноци.Ако прашате било кој сопственик или менаџер на фирма, што им е главна цел во работењето, сигурно сите ќе одговорат дека целта им е да остварат поголем профит. Но, додека за некои Македонија е земја во која е пеколно тешко да се води профитабилен бизнис, за други Македонија е вистинско Елдорадо. Земја на златни рудници. Секако за оние кои ќе ги најдат.Ако македонските компании според профитот што го прават се споредат со некои од најпрофитабилните компании во регионот, тогаш тие се многу слаби и мали.Но, тоа е само гледано во апсолутни бројки и во поширок контекст. Ако се анализираат само податоците за профитот во локални услови, тогаш во Македонија има профитабилни компании, на кои според маржите кои ги остваруваат а кои се движат од 50% па до зачудувачки 100%, би можеле да им позавидат и многу светски компании.

Податоците од едицијата 200 најголеми и најуспешни, која неодамна ја објави Капитал покажува дека 200-те најпрофитабилни компании во Македонија сите заедно имаат профит од околу 38,7 милијарди денари или 630 милиони евра. Профитот на овие 200 компании лани се зголемил за 4,78%. Овие 200 најпрофитабилни направиле вкупни приходи од продажба од 4,2 милијарди евра, што значи дека работеле со просечна профитната маржа од 14,8%. Тоа значи дека на секои 100 денари приходи од продажба прават профит од 15 денари. Но, тоа е само просек. Бидејќи во друштвото на најпрофитабилни во Македонија има и такви компании, прилично непознати за пошироката јавност, кои од секои 100 денари приходи направени лани, дури 99 денари им останувале како чист профит?!

Ова сигурно е сон на секој бизнисмен. Да прави профит со што помалку трошоци. Но, дали е тоа воопшто можно? Имаат ли тие компании воопшто вработени? Кои се тие бизниси во Македонија во кои тие работат, а кои нудат вакви екстра големи профитни маржи? Дали овие компании се навистина успешни, или нивниот голем профит се должи на зделки кои немаат врска со бизнис и кои се надвор од нивната основна дејност? Американците имаат една поговорка –It’s all about the bottom line, која можеби звучи сурова, но е многу вистинита. Може некоја компанија да има добар бизнис, супер производи, добро да продава и да извезува, но ако не прави профит, целиот бизнис ќе пропадне.Капитал во овој број анализира кои се 50-те најпрофитабилни компании во Македонија, во кои бизниси работат, дали профитот го темелат на монополските позиции на пазарот, какви производи произведуваат, дали работат на домашен пазар или се извозници, колку навистина се успешни во тоа што го работат или високиот профит им е резултат на некоја случајна зделка ...

Кои се најпрофитабилните компании во Македонија?

Структурата на компаниите кои се наоѓаат на листата 50 најпрофитабилни компании го докажува правилото дека ако една компанија е голема не значи дека задолжително е и профитабилна. На листата се наоѓаат и многу мали компании, според обемот на работата која ја работат, но и прилично непознати на јавноста, со оглед дека некои од нив само по една година од основањето се нашле во елитното друштво на најпрофитабилните.Ги има од сите дејности. За да се биде профитабилен не мора ниту да се биде извозник, ниту да се биде производител. Не мора ниту да се има вработени. Анализата покажува дека дури 35 од листата 50 најпрофитабилни компании работат само на домашниот пазар и никогаш не извезувале. Интересно факт е тоа што поголемиот дел од најпрофитабилните 50 компании или 28 од нив се во домашна, а само 22 се во странска сопственост.

Две компании од листата 50 најпрофитабилни се без ниту еден вработен, а пет компании имаат помалку од 10 вработени.Овие 50 најпрофитабилни компании лани имале вкупен профит од 478 милиони евра, што е дури 76% од профитот што лани го направиле 200-те најпрофитабилни македонски компании. Вкупните приходи, пак, на 50-те најпрофитабилни лани изнесувал 2,64 милијарди евра, што е 62% од приходите на 200-те најпрофитабилни македонски компании. Тоа значи дека просечната маржа со која работеле 50-те најпрофитабилни компании лани изнесувала 18,14%, или на секои 100 денари вкупни приходи од работењето на крајот им останувале по 18,4 денари чист профит. Но, тоа е само просек. Бидејќи на листата има три компании кои имаат профитни маржи од над 90%, а 11 компании работеле со профитни маржи над 50%.

На првите четири места на листата 50 најпрофитабилни компании во Македонија нема промени и во врвот се наоѓаат истите компании веќе неколку години наназад. Тоа се фиксниот оператор Македонски Телеком, консултантската компанија Камени мост Телекомуникации (во ликвидација), мобилниот оператор Т-мобиле Македонија и рудникот Саса. Македонскиот Телеком веќе неколку години е на лидерската позиција на листата најпрофитабилни компании. Профитот кој Македонски Телеком го остварил минатата година падна под 100 милиони евра и изнесува 5,6 милијарда денари или 91 милиони евра и е за 8,4% поголем од профитот остварен во 2011 година. Иако Македонски Телеком ја нема поранешната монополска позиција, односно веќе неколку години на пазарот работат и други компании, податоците покажуваат дела Телекомот лани работел со прилично висока профитна маржа од 47,84%.

Иако неколку години е во ликвидација, консултантската куќа Камени мост Телекомуникации е втора најпрофитабилна компанија со профит од 3,6 милијарди денари или 59 милиони евра, што е раст од 5,1% во споредба со претходната 2011 година. Оваа компанија, која нема ниту еден вработен, лани имала профитна маржа од 99,39%, со оглед на тоа што вкупните приходи кои ги остварила во работењето изнесувале 60,6 милиони евра.И покрај намалувањето на профитот за 26,6% лани, мобилниот оператор Т-Мобиле Македонија и понатаму останува трета најпрофитабилна компанија во Македонија со профит од 40 милиони евра. Рудникот САСА, со профит од 34,3 милиони евра (годишен пад од 25%) е четврта најпрофитабилна компанија со профитна маржа од 46,16% и поврат на капитал од 22,12%. На шестото место на листата најпрофитабилни компании годинава за прв пат се најде Дивелоп груп, компанија од областа на надвижностите, која лани имала профит од 23 милиони евра, што е значително голем раст во споредба со претходната 2011 година кога имала профит од 7.300 евра. Овој огромен раст во профитабилноста најверојатно се должи на тоа што лани Дивелоп Груп продаде една деловна згради во центарот на градот. Врвот на листата 50 најпрофитабилни компании целосно одговара на ситуацијата на терен. Најголем профит имаат направено токму компаниите кои најмалку ја почувствуваа кризата и кои најбрзо преземаа мерки за заздравувањето од кризата. Тоа се телекомуникациските компании, тутунските компании, градежните компании, додека металопреработувачките капацитети кои беа најпогодени од кризата ги има многу малку и тие имаат пад на профитабилноста.

Телекомуникациите и градежниците најпрофитабилни

Ако се анализираат 50-те најпрофитабилни компании по индустрии, тогаш дефинитивно телекомункациите се најпрофитабилна дејност. Вкупниот профит на две телекомуникациски компании кои се наоѓаат на врвот на листата топ 200 најпрофитабилни Македонски Телеком (1) и Т-Мобајл (3) изнесува131 милион евра.Но, не сите телекомуникациски компании имаат големи профити. Колку за споредба мобилниот оператор ВИП, кој е 26 најголема компанија во Македонија според остварените приходи од 61 милиони евра, лани работел со профитна маржа од 0,01%, и стапка на поврат на капитал од 0,02%.Колку за споредба најпрофитабилната компанија во Македонија, Македонскиот Телеком лани работел со профитна маржа од 47,84% и поврат на капитал од 32,89%, додека најпрофитабилниот мобилен оператор имал профитна маржа од 28,98% и стапка на поврат на капиталот од 42,37%.Годинава на листата 50 најпрофитабилни компании има дури 7 градежни компании за кои изминатата 2012 година беше прилично добра година, пред се заради бројните проекти кои ги почна Владата и кои беа финансирани од државниот буџет, како и заради изградбата на многу деловни и станбени објекти, главно во главниот град Скопје. Вкупниот профит на овие 7 најпрофитабилни градежни компании изнесувал 33 милиони евра, додека просечната стапка на профитабилност била 21,5%, додека просечната стапка на поврат на капиталот изнесувала 50,69%.

Убедливо најпрофитабилна градежна фирма е Адора Инженеринг со профит од 10 милиони евра, додека сите други имаат профит помал од 10 милиони евра. Лани Адора на секои 100 денари приход остварувала профит од 5 денари, што е профитна маржа од фантастични 50,21%, додека на секои вложени 100 денари капитал сопствениците имале поврат од 5,2 денари, што е стапка на поврат на капиталот од 52,33%.Втора најпрфитабилна градежна компанија е Пера Констракшн, а следуваат Гранит, Пелистер, Жикол и Еуроактива. Гранит, која е компанија со најмногу вработени од оваа дејност (1.826) и единствена со поголеми гградежни работи во странство, има далеку помала профитна маржа од 5,80% и стапка на поврат на капиталот од 8,33%. Иако градежниот сектор важи за сектор кој има и многу трошоци, во оваа дејност има и компании кои се своевидни феномени заради тоа што во работењето имаат профитни маржи и стапки на поврат на капиталот од над 95%. Економските аналитичари објаснуваат дека ваквите феномени не мора секогаш да значат дека фирмата е навистина и профитабилна. Бидејќи треба секогаш да се анализира дали се тие како резултат од редовната дејност или пак дошле случајно ако на пример во таа година компанијата продала некој имот или остварила други приходи од активности кои не и се дел од основната дејност.

И две телевизии меѓу најпрофитабилните

Втора најбројна индустрија на листата најпрофитабилни е прехранбената индустрија. Пет прехранбени компании се меѓу 50-те најпрофитабилни компании, а нивниот вкупен профит минатата 2012 година изнесувал 19,2 милиони евра.Најпрофитабилна е Пивара,која е единствена со профит поголем од 10 милиони евра, додека останатите четири имаа профити помали од 3 милиони евра. Интересно е што меѓу најпрофитабилните се наоѓа и фирма која официјално во стечај, Доматти (во стечај), што очигледно не и било пречка лани да заработи 1,98 милиони евра профит. Меѓу 50-те најпрофитабилни се наоѓаат и двете странски компании од автомобилската индустрија, кои вложија во слободната зона Бунарџик. Џонсон Мети со раст на профитот од 48,50%, на 30 милиони евра, е петта најпрофитабилна компанија во Македонија, додека Џонсон Контролс со раст на профитот од 211% стамна 50 најпрофитабилна компанија во Македонија со профит од 1,76 милиони евра.

На листата 50 најпрофитабилни се наоѓаат и националната приватна телевизијата Сител и државната Македонска радио и телевизија, кои се единствените медиуми во друштво на најпрофитабилните, со профит од 2,2 милиони евра, односно 2,0 милиони евра. Јавната МРТВ лани работела со профитна маржа од 34,78%, додека Сител имал маржа од 23,46%.Иако металопреработувачката индустрија има оогромен придонес во извозот и економијата во целост, кризата ги стопи профитите на компании во овој сектор, па во 50-те најпрофитабилни лани имало само две компании, ИГМ Трејд и Фени Индустри. И двете компании лани имале пад на профитот.Иако изминатата година ја одбележа постојан раст на цените на нафтените деривати на домашниот пазар како последица на поскапувањето на нафтата на светските берзи, на листата најпрофитабилни 50 компании има само една компанија од овој сектор- Лукоил.

....................................................................

Не е злато се што сјае?!

Профитабилноста на компанијата е прилично сложен концепт и може да се анализира од повеќе аспекти. Во најширока смисла профитот се анализира како разлика помеѓу вкупните приходи и вкупните расходи во работењето на една компанија. Според некои економисти, профитот е награда за првземање на ризик во водењето на бизнисот. Според Шумпетер, профитот е награда за иновациите и претприемнитвото. Тој сметал дека профитот може да се оствари само со воведување на иновации со кои бизнисмените остваруваат привремена предност во однос на конкурентите. Но, таквиот профит може да биде привремен бидејќи трае колку и монополот над иноваците. Штом конкурентите ги совладаат иновациите, профитот исчезнува. Според други, пак, профитот е само заработка остварена преку монополски цени. Во анализата на профитабилноста на 50-те најпрфитабилни компании во Македонија се осврнавмне најмногу на двата најважни показатели: профитната маржа и стапката на поврат на капиталот.Профитната маржа е еден од најопштите показатели за тоа колку една компанија е профитабилна. Таа покажува колку профит прави една компнпанија во работењето. Односно колкав дел од вкупните приходи кои ги заработува и остануваат како чист профит.

Се добива кога добивката ќе се подели со вкупните приходи од работењето. На пример, ако профитната маржа е 10%, тоа значи дека на секој 100 денари заработени приходи компанијата прави 10 денари профит.Не секогаш компаниите кои остваруваат голема нето добивка имаат и висока профитна маржа. На пример Џонсон Мети, која е петта најпрофитабилна компанија според вкупно остварената нето добивка лани има профитна маржа од 6%, или на секои остварени 100 денари приходи остваува 6 денари профит.Профитната маржа, пак, на Џонсон Констролс за минатата година изнесуваше 1,87%.Финансиските аналитичари кои ги консултираше Капитал објаснуваат дека високата профитна маржа не секогаш е показател дека фирмата работи успешно и одржливо. Според тоа, за да се оцени работењето на некое друштво, како минимум показател би требало да се земат не само показателите (индикаторите) на профитабилност, туку и барем некој од индикаторите на финансиската стабилност, односно задолженоста.

“Со други зборови, ако видите висока профитна стапка, проверете ја и задолженоста, оти високата профитна стапка може да произлегува од високата задолженост, што може да биде знак за висока ризичност и неодржливост на стапките на долг рок и дури опасност од стечај и банкротство”, објаснува Верица ХаџиВасилева Марковска од консултантската куќа ААГ. Уште еден многу употребуван показател за профитабилноста на една компанија е стапката на поврат на капитал –РОЕ (Rate of return on equty). Овој показател ја мери профитабилноста што ја остварува компанијата на секој денар вложен капитал од сопствениците. Според некои општо прифатени стандарди компанија која има 15% поврат на капиталот може да се смета за профитабилна компанија.На пример на светско ниво компанијата Nike има годишна стапка на поврат на капиталот од 20,4%, а еден Exxon Mobile кој ја работи во профитабилната нафтена индустрија има стапка на поврат на капиталот од 16%. А профитните маржи и на двете компании им се под 10%. Но, во Македонија има компании кои имаат вртоглаво високи стапки на поврат на капиталот, кои според некои домашни аналитичари се во најмала рака контроверзни.

“Повратот на акционерската главнина, или уште наречен поврат на сопствениот капитал е веројатно најсинтетичкиот индикатор, кој може да се споредува и за различни дејности. Тој индикатор покажува колку денари добивка годишно се добива на 100 денари ангажирани сопствени средства (главнина). Бидејќи капиталот има тенденција да се сели кон дејностите со најголемо оплодување, токму овој индикатор се користи за да се оцени ефикасноста на вложувањето на капиталот”, Марковска од консултантската куќа ААГ.

..............................................................

Ова се нормални профитни маржи по индустрии

Профитните маржи во голема мера зависат и од дејноста во која компанијата работи. Според податоците на Дамодаран, гуру за проценки на бизниси, се дадени следниве податоци за нето профитна маргина за повеќе дејности во јануари 2013 година:-пијалоци 12,7%-градежни материјали 0,8%-компјутерски софтвер 23,6%-лекови 18,4%- весници 4,1%-метали и рударство 3,3%


КОМЕНТАРИ

Коментирај
  • Економска добивка?
    Објавено на 28.11.2013, од Емилија

    Би сакала да дополнам уште еден многу битен параметар кој не го сретнав никаде погоре во текстот. Новосоздадена вредност на компаниите или економска добивка е показател кој е далеку поквалитетен од показателот на профит (профитната маржа). Дали компаниите во Македонија навистина создаваат новостворена вредност?



КАПИТАЛ НЕДЕЛНИК

Капитал 780


РЕКЛАМИ


РЕКЛАМИ

КАПИТАЛ ИЗДАНИЈА