Победете го заморот на работното место

Ако честопати се чувствувате исцрпени и ви се спие во втората половина од работниот ден, не сте единствени. Голем број луѓе по два часот попладне чувствуваат голем замор и секојдневно се борат да останат концентрирани и да си ги завршат обврските.
Виновник за оваа попладневна криза, која најчесто се случува меѓу два и пет часот попладне е т.н. телесен часовник, кој се наоѓа во хипоталамусот. Некои експерти го поврзуваат попладневниот замор и со температурата на телото, која исто така ја контролира хипоталамусот. Но, постојат неколку трикови како да се борите против заморот:
1. Сон – Обидете се навечер да си легнувате навреме. Не е паметно да го „лажете“ телото, бидејќи тоа има свои потреби, па ускратениот ноќен сон се обидува да го надокнади преку ден. Затоа, обидете се редовно да отспиете осум часа во континуитет.
2. Исхрана – Малите хранливи оброци можат да помогнат во борбата против заморот, особено во попладневните часови. Предлог за појадок: мисиркино месо со парче интегрален леб и јогурт со мала масленост, а може и овошје како додаток.
3. Кафе и шеќер – Кафето и производите со шеќер не се препорачливи затоа што ќе ви помогнат само краткорочно. Наместо тоа, подобро земете крекер со сирење, или протеини – јајца или туна.
4. Прошетки – Секогаш кога времето ви дозволува, излезете да прошетате за време на паузата. Престојот на сонце ќе ви даде дополнителна енергија.
5. Распоред на обврските – Прилагодете ги обврските на сопствениот ритам. Понапорните задачи планирајте ги за оној дел од денот кога сте најодморени, а тоа најчесто е наутро. За попладневните часови, оставете ги полесните обврски, или некои задачи кои вам ви се интересни.