Сопствениците на грчки државни обврзници се согласија на 53,5 % загуба од номиналната вредност
Приватните банки и инвестициски фондови, сопственици на грчки државни обврзници, се согласија да преземат сериозни загуби во однос на првичните очекувања, изјавија анонимни високи претставнци на земјите од еврозоната, пренесе БТА.
Во договорот се предвидува приватните сопственици на грчки државни обврзници да преземат загуба во износ од 53,5 % од номиналната вредност на обврзниците. Со преструктуирање на долгот во пракса се отпишуваат вкупно 107 милијарди евра од долгот на Грција кон приватни кредитори, кој се пресметува на 230 милијарди евра.
Обврзниците во сопственост на приватните банки и инвестициски фондови ќе бидат заменети со нови должнички инструменти со поголем рок на достасување и со пониска каматна стапка. Според премиерот на Луксембург Жан Клод Јункер, кој е и претседател на Советот на министрите за финансии од земјите членки на еврозоната, новата каматна стапка на грчките хартии од вредност првично ќе биде 2 % и постепено ќе се зголемува до 4,3 %.