Унгарскиот Парламент гласаше за приклучување кон фискалниот пакт на ЕУ
Унгарскиот Парламент го одобри планот на Владата за приклучување кон новиот фискален пакт на Европската унија, кој има за цел да ги ограничи државните трошоци и да стави крај на должничката криза во Унијата. Владејачката коалиција на премиерот Виктор Орбан и Социјалистичката партија, која е главна опозициска сила во Унгарија, гласаа за поддршка на предлогот.
Се очекува следниот месец фискалниот договор да биде потпишан од лидерите на речиси сите земји од ЕУ. Унгарија се уште не е членка на еврозоната, а пактот ќе се применува само за 17-те држави, кои го прифатиле еврото како своја национална валута. Но, Будимпешта сака да се приклучи кон договорот и со тоа да ја покаже својата поддршка за зајакнување на ЕУ и да учествува во преговорите за одредување на иднината на заедничката валута.