Еврото на 15 месечен минимум во однос на доларот
Вредноста на заедничката европска валута денеска се намали на 15 месечен минимум во однос на доларот, откако аукцијата на италијанските државни обврзници даде мешани резултати. Трошоците на задолжување на Италија на вчерашната аукција се намалија веќе втор ден по ред, но со продажбата на обврзници собрани се помалку средства, отколку што се очекуваше. Вредноста на еврото во еден момент од тргувањето се намали на 1,2857 долари, што е најниско ниво од септември минатата година, но подоцна се зголеми на 1,2909 долари. Еврото вчера вредеше 1,2941 долар. Американската валута зајакна во однос на повеќето други валути, па така вредноста на британската фунта се намали на 1,5388 долари од вчерашните 1,5455 долари. Доларот сепак ослабна во однос на јапонскиот јен на 77,72 од 77,91 јен.