Пад на вредноста акциите на „Томас Кук“ заради задолжување кај банките
Акциите на големата британска туристичка компанија „Томас Кук“ забележаа пад од 75 %, во текот на еден ден, откакако британските медиуми дознаа дека води преговори со банките за заем од 100 милиони фунти. Од почетната вредност од 41 пени, акциите паднаа на само 10 пени, предизвикувајќи голема нервоза на лондонската берза, поради стравот од можното крахирање на компанијата, која има долг од околу 900 милиони фунти.
Нервозата на берзата ја предизвика сознанието дека во рок од само 30 денови, „Томас Кук“ по втор пат бара од банките заем од 100 милиони фунти за „тековно работење“. Од почетокот на оваа година, па до сега, вредноста на акциите е намалена за околу 95 %, а од порано е најавено затворање на 200 од 1.200 патнички агенции и менувачници, колку што оваа компанија има низ Велика Британија.
Претставник на компанијата изјави дека нема потреба од загриженост, додека претседателот на „Томас Кук“, Сем Вајхаген во изјава за британските телевизиски станици ја смируваше берзата и јавноста, објаснувајќи дека станува збор за силна компанија, која има пред себе голема иднина.
Причина за забрзаното позајмување на „свежи пари“ од банките, е неповолната политичка клима во Северна Африка и на Блискиот Исток, по немирите и нестабилноста во Тунис и Египет, по промената на режимите во овие две земји, традиционално моќни туристички пазари на кои оваа компанија е одамна присутна.