Економијата преовладува на средбата Меркел- Медведев

Економските прашања преовладуваат на агендата на интервладината конференција меѓу Германија и Русија, каде предводници се германската канцеларка Ангела Меркел и рускиот претседател Дмитриј Медведев. Подобрување на бизнис односите меѓу државите, зголемена соработка меѓу компаниите и привлекување на поголем број инвестиции се елементите за кои државниците ќе се обидат да изнајдат решени за нивно подобрување.
Енергетскиот сектор и подобрување на соработката на Германија и Русија во оваа индустрија е од особено значење за државите. По најавите дека до 2022 година, Германија ќе ги згасне нуклеарните централи, а струја ќе произведува преку алтернативни извори на енергија, рускиот нафтен гигант Газпром воочи добра прилика за зголемување на профитот.
Поради тоа, извозот на руски гас во Германија ќе биде тема на регулација на конференцијата. Газпром е најголемиот директен инвеститор во Германија. Неодамна, Газпром и германската енергетска компанија РВЕ започнаа преговори за влез на рускиот гигант во РВЕ, но експертите сметаат дека обидите ќе бидат прекинати од германската влада.
Германија увезува 40% гас од Русија. Со влезот на Газпром таму, Германија би ја зголемила зависноста од Русија, што не е во прилог на најмоќната економија во Европа, сметаат експертите. Освен Газпром, во Германија има околу 6.000 компании во руска сопственост.
Германскиот извоз во Русија во првиот квартал од годинава достигна 7,4 милијарди евра, што е раст од 42% споредено со истиот период, минатата година. Истовремено, германскиот увоз од Русија достигна 9,5 милијарди евра. Експертите истакнуваат дека средбата меѓу Меркел и Медведев е добра прилика за рушење на рекордите кога станува збор за трговската размена на Германија и Русија.