Нови трендови на пазарот на труд
Преку Интернет до работно место
Во нашата држава постојат четири приватни и една државна агенција за посредување при вработување, на чии што интернет-сајтови се сретнуваат понудата и побарувачката на работна сила.
Наташа Црвенковска
Огласите во дневните весници сe повеќе стануваат минато, а приматот го презема огласувањето преку интернет. Илјадници луѓе аплицираат за работа преку интернет и исто толку компании преку интернет нудат работа огласувајќи ги своите работни места по електронски пат.
Така секој што бара работа може едноставно, по електронски пат да ги следи промените на пазарот на работна сила и многу полесно да дојде до саканите информации.
Во Македонија ваквиот начин на размена на трудот е во зачеток. Бројот на агенциите кои посредуваат при работа е симболичен-само четири. Првите чекори слободните работни места да се доближат до невработените на овој начин се направени во соработка УСАИД. Нашите компании сe уште со скепса гледаат кон ваквите агенции и слободните работни места сe уште ги огласуваат на класичен начин-со оглас.
СТРАНСКИ ИСКУСТВА
Интернет севисите за вработување се најзастапени во САД, и таму остваруваат одлични финансиски резултати. Решавањето на проблемот со невработеноста во Европа и зголемување на подвижноста на работната сила веќе долго време е една од важните цели на ЕУ. Основан е најголемиот европски сервис за вработување, Еурес чии услуги можете да ги видите на адресата www.eures-jobs.com.
|
Зголемената интернет пенетрација го зголемува и барањето работа преку веб
Капитал “прошета” по сајтовите на нашите три приватни компании и на државната Агенција за вработување кои што се своевидни електронски берзи за вработување и разговараше со нивните менаџери. Се обидовме да дознаеме како функционира овој начин на барање и нудење на работа во наши услови.
Следејќи ги светските трендови Дарко Велков уште во 2003 година, ја формирал прва интернет агенција за вработување во Македонија www. vrabotuvanje.com. Агенцијата располага со база на податоци за над 29.000 невработени. На список се средношколци, студенти, занаетчии, домаќинки, хигиеничарки, курири. . .како и со податоци за разни профили на луѓе кои се веќе вработени, но бараат подобра работа.
“vrabotuvanje.com е агенција каде можат да се добијат сите услуги од пазарот на трудот. Нашата агенција се разви во четири засебни сегменти кои сами за себе нудат различни видови на услуги. Тоа се вработување, вработување берза, вработување лизинг и вработување едукација.
За сите клиенти се обидуваме да најдеме работа која ќе ги исполни нивните желби, а воедно од нивната работа ќе бидат задоволни и работодавачите. Меѓу домашните компании кои ја увиделе предноста од ваквиот начин на размена на трудот и кои станале корисници на нашите услуги се Министерство за здравство, Фонд за развој на човекови ресурси, АВТ, FIIOM, Стопанска Банка МРТВ, Македонско радио”.
Изминатава 2007 година, за нас беше доста успешна и успеавме да привлечеме и нови клиенти. За разлика од претходната 2006 година, бројот на побарувањата се зголеми за 25%” вели Велков.
Според него, нормално е дека со зголемувањето на бројот на интернет корисници се зголемува и посетеноста на веб страниците на кои се нуди или побарува работната сила. Во моментот страница ”vrabotuvanje.com” дневно ја посетуваат над 2.500 луѓе.
На неа сретнавме многу слободни работни места за во странство. Најмногу се бараат возачи на тешки камиони и градежни работници, со напомена дека предност имаат лица со бугарски пасош или со словенечка виза.
И државната Агенција за вработување се “интернетизира”
Vrabotuvanje.com покрај стандардните обуки спроведува преквалификација и обуки за кариерно насочување.
Покрај ова, агенцијата на клиентите им нуди и корисни совети за тоа како да напишат успешно CV, како да подготват пропратно писмо, како да волонтираат во компанијата каде се примени на пробна работа. Организира и едукација и доедукација на невработени лица сe со цел полесно да се вработат.
На веб страната
www.najdirabota.com.mk која започна со работа пред една година, ги имате на увид сите огласи од дневниот печат во Македонија. Огласите се бесплатни за сите оние кои бараат и нудат работа. На овој сајт секојдневно можете да најдете од 30 до 70 слободни работни места. Над 63% од посетителите на овој сајт се постари од 25 години. Компании што ги користат услугите на овој сајт се Пексим Компјутери, Henkel и Danfoss.
Сајтот на државната
Агенција за вработување www.zvrm.com.mk изработен во соработка со УСАИД е место каде може да се најде понуда на сите слободни места во државата. Листајќи, го забележавме големиот број на слободни работни места за сметководители, информатичари, наставници, професори..
Речиси сите слободни работни места се лоцирани во Скопје, но постојат и огласи за туристичките места од внатрешноста. Рецепционери и работници за угостителство најмногу се бараат во Маврово. На овој сајт можете едноставно да се регистрирате доколку сте невработен, преку апликација на која ќе треба да ги пополните вашите квалификации и CV.
Што нудат странските агенции за вработување
На веб страната :
www.dekra.com.mk се наоѓаат сите податоци за агенцијата Dekra Arbeit GmbH од Штутгарт (Германија). Оваа агенција има свое претставништво и свој сајт во Македонија и врши привремено вработување, посредување при вработување и консалтинг во областа на управување со човекови ресурси. Dekra Arbeit GmbH е дел од големото акционерско друштво Dekra AG компанија која е основана во 1925 година, и во моментот опфаќа 4 деловни единици Dekra Automotive, Dekra Umwelt, Dekra Consulting, Dekra Akademie и Dekra International Operations. Секоја од нив е специјализирана за услуги од областа на консултации, доедукација, мотивација за работа, едукација. . .
Игор Чекаров е менаџер на оваа агенција: “Dekra arbajt почна во Македонија да функционира во мај 2006 година, како преставништво на хрватскиот центар на Декра Арбаит,така што нашиот референтен центар е во Хрватска каде што оваа агенција почна со работа уште пред 5 години. Од почетокот на работењето успеавме да вработиме 1.000 луѓе на определено работно време и 400 работници со трајно вработување”.
Корисници на нашите услуги во Хрватска се: WRTJ, Grupacija Ferus, IT- компанија MSAN од Хрватска а од македонските комапнии нашите услуги ги користат Космофон и Пивара Скопје.
Во 2008 година, планираме да обезбедиме работна сила за туристичко-угостителскиот сектор во Хрватска, работници за автомобилската индустрија во Словачка и Чешка”,- вели Чекаров.
И двајцата наши соговорници велат дека македонските граѓани сe почесто ги користат нивните услуги и интересот на овој начин да се најде или да се понуди работа е сe поголем. При објавување на слободни работни места и посредување при работа сe почесто се забележува дека во скоро сите области недостигаат стручни кадри за одредени професии, а најголема е понудата на неквалификувана или полуквалификувана работна сила.
Луѓето сe уште не знаат и со недоверба гледаат на ваквиот тип на агенции и на ваквиот начин на изнаоѓање на работа.
“Затоа често правиме презентации на нашите можности во разни едукативни центри и на универзитетите, за да на идните кадри им објасниме кој е најлесен и најкраток пат до работното место,” вели Чекаров.