ХДЗ ги чисти сопствените редови
Директорска метла во најголемите хрватски компании
Смените во Подравка и ХЕС ја брануваат хрватската јавност. Партиските вработувања, непотребните задолжувања, лошата состојба на јавните претпријатија и претпријатијата поседувани од државата се само дел од причините за кои се товарат сменетите функционери
Овие денови хрватската јавност ја тресат големи кадровски чистки во владејачката партија ХДЗ. Засега смените се направени само во пониските ешалони на власта, но според познавачите на состојбите многу брзо метлата може да проработи и во кабинетот на премиерката Јадранка Косор. Најспоменуван министер за смена деновиве е потпретседателот на хрватската влада и министер за економија Дамир Поланчец, кој што е инаку и најпрозиваниот за лошото раководење со компанијата. Упатените велат дека ниту една одлука за Подравка не можела да се донесе без знаење на Поланчец. Деновиве на површина излегоа смените во Подравка и ХЕС.
Смена на управниот одбор на Подравка
Приказната за Подравка почна да се плете во медиумите по смената на претседателот на надзорниот одбор на компанијата, Дарко Маринац. Маринац минатата година беше преместен од местото претседател на Управниот одбор на Подравка и беше поставен за прв човек на надзорниот одбор. Тој се товари за давање на кредит од 65 милиони куни (околу девет милиони евра) на компанијата СМС. На негово место сега е поставен Здравко Шестак. Тој е кум на хрватскиот министер за економија Дамир Поланчец, а во надзорниот одбор има уште двајца членови на најголемата владејачка партија Хрватска демократска заедница (ХДЗ) Јосип Павловиќ и Саша Ромац (кој не е член на ХДЗ, но е човек од доверба на министерот за економија, Поланчец) и двајца членови на Хрватската селанска странка (ХСС), Мирослав Витковиќ и Мартин Пуцар. Сопственоста од 20% од акциите на Подравка од страна на државата & овозможува на владејачката ХДЗ да поставува свои луѓе во управните тела на компанијата, поради што, како што пренесуваат хрватските медиуми, Подравка функционира како јавно претпријатие. По смената на Маринац и големата врева која се крена околу огромните суми на пари кои се изнесени од компанијата, истраги поведоа полицијата, Хрватската народна банка, Хрватската комисија за хартии од вредност, Агенцијата за спречување на перење пари на Хрватска, и јавното обвинителство. Но, криминалот во компанијата не е само поврзан со заемот од 65 милиони куни од Подравка за компанијата СМС. Овде Комисијата за хартии од вредност на Хрватска го испитува начинот на кој што финансиската групација Фима, купи 10% од акциите во компанијата кога нејзиниот сопственик Милан Хорват беше член на Управниот одбор на Подравка. Ова било направено сe со цел Подравка да биде преземена од Фима групацијата. Што ќе остане од оваа голема афера во хрватската компанија, останува да видиме по завршувањето на истражните дејства на надлежните органи. Но, едно е сигурно. Подравка, како еден од најпознатите производители на храна на територијата на поранешна Југославија, многу тешко ќе го поднесе овој удар.
Чистка и во ХЕС
Вториот по големина скандал кој изби на површина во Хрватска во изминатите две недели е смената на директорот на Хрватското електростопанство, Иван Мравак. Тој од поодамна ја брануваше хрватската јавност со матните зделки и незаконското работење во ХЕС. Хрватските медиуми објавија дека криминалот на Мравак во ХЕС тежи од 50 до 150 милиони евра и дека според хрватските закони доколку се потврди вина, него му се заканува затворска казна до 10 години. За нов директор на ХЕС е именуван Лео Беговиќ, претседател на надзорниот одбор на компанијата и државен секретар за енергетика, а за прв човек на надзорниот одбор на компанијата е назначен генералот Кресимир Ќосиќ.
Како “гревови” кои му се препишуваат на Мравак се договорот со Јавното претпријатие за управување со патишта на Хрватска, за осветлување на неколку автопати. За оваа зделка тој се товари дека ја направил по енормно високи цени. Потоа, се товари за продавање на увезена струја на компанијата ТЛМ и мостарската компанија Алуминиум по цена од 20 евра за мегават час, а таа струја ХЕС ја увезло по 83 евра. Мравак се товари и за неодговорно водење на компанијата. Само во последните неколку месеци тој го задолжил ХЕС за 100 милиони евра кај три банки. Со позајмените пари исплаќал плати и репрезентација за сметка на инвестициите. ХЕС се наоѓа во најлоша состојба од сите енергетски претпријатија во регионот. Тој увезува дури 40% од потрошената струја во Хрватска. Покрај ова на површина излегоа и големиот број на партиски вработувања кои ги направил Мравак. Тој се товари и дека го оштетил државниот буџет за 137 милиони евра преку разни штетни договори. Дека состојбата во ХЕС е алармантна зборува и фактот што директно хрватскиот претседател Стипе Месиќ се заложи да се спроведе детална истрага за владеењето на Мравак со Хрватското електростопанство.